Горан Станиќ е сменет, Александар Таневски е нов селектор на Македонија У21
Фудбалската федерација на Македонија го именуваше Александар Таневски за нов селектор на репрезентацијата до 21 година на местото на Горан Станиќ.
Таневски доаѓа од работата со младинските селекции на ФФМ и репрезентацијата до 20 години, па добро ја познава генерацијата фудбалери која треба да биде основа на новиот состав до 21 година. На последните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери и постепено да го формира тимот за следниот циклус.
Новиот селектор во досегашната тренерска кариера водел 196 официјални натпревари како шеф на стручен штаб во Првата и Втората македонска лига. Работел во Скопје, Македонија ЃП, Академија Пандев и Беса, а со Скопје и Македонија ЃП обезбеди промоција во највисокиот ранг. Со Македонија ЃП стигна и до финалето на Купот на Македонија и пласман во европските купови.
Освен назначувањето на Танески, на седницата на Управниот одбор беа донесени и други одлуки. Дејан Јакимовски е избран за нов претседател на Судискиот одбор на ФФМ, откако Емил Божиновски се повлече од функцијата поради лични причини.
УО на ФФМ одобри и поддршка за реконструкција на помошното игралиште со вештачка трева „Ќумурно игралиште“ во Битола, а беа усвоени и нови такси за жалба, како и организацијата на Детските лиги во сезоната 2026/27. За Детските лиги се предвидени 160.000 евра од УЕФА Хет Трик, со што, заедно со средствата од котизациите, вкупниот буџет за развој на детскиот фудбал во рамките на Грасрут програмата ќе надмине 230.000 евра.
ФФМ воедно му се заблагодари на досегашниот селектор Горан Станиќ за неговиот ангажман во репрезентацијата до 21 година.



