Свет

Кос за откажувањето на посетата на Србија: Како ќе ги погледнев во очи Мајките на Сребреница

Европската комесарка за проширување Марта Кос соопшти денес дека осудениот воен злосторник Ратко Младиќ претставува една од најтемните страници од поновата европска историја.

Таа зборуваше за американскиот телевизиски канал Си-ен-ен откако ја откажа планираната посета на Србија поради величењето на Младиќ.

„Она што се случи во Србија е длабоко вознемирувачко. Ратко Младиќ беше воен злосторник осуден за геноцид и злосторства против човештвото. Тој претставува една од најтемните страници од поновата европска историја. Величењето кое ја опкружуваше неговата смрт и знаците на официјална поддршка и фактот дека високи функционери беа присутни на погребот е неприфатливо и не ги претставува вредностите врз кои е изградена Европската Унија. Затоа решив дека како политичар и како личност која пораснала на територијата на поранешна Југославија, не можам да одам во Белград. Можете ли да замислите како би можела да ги погледнам во очи Мајките на Сребреница, кои изгубиле многу членови на семејствата: Ги сретнав многу пати, научив многу од нив, тие најмногу пателе, но тие се симбол на помирувањето. Тие ми кажаа „никогаш нема да заборавиме, но можеме да простиме“, и тоа е она што го очекувам од Србија, особено затоа што е кандидат за членство во ЕУ“, кажа Кос.

На прашањето каде оди ова понатаму, односно што мора да направи Србија за да го исправи ова и Кос да отиде во Србија, европската комесарка кажа дека Србија ќе одржи парламентарни избори на есен.

„Мора да седнеме и да разговараме за тоа како ќе продолжиме со европскиот пат на Србија. Патот кон ЕУ навистина бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства. Тоа е она што го очекувам. Понатаму, очекуваме и Србија да направи јасен и решителен чекор на европскиот пат. Ако земјата сака да стане членка на ЕУ, тоа не е само усогласување со нашето законодавство. Тоа е многу повеќе. Станува збор за нашите вредности, стратегиска ориентација и секако тоа е исто така важен дел од помирувањето“, кажа Кос.

Таа кажа и дека доаѓа од поранешна Југославија.

„Родена сум и пораснав таму, живеев таму 25 години во мир и не верував дека воените злосторства извршени во војните на територијата на поранешна Југославија се можни. Но, тоа се случува. Затоа мора да се грижиме за помирувањето и мислам дека е одговорност и на раководството во Србија да ги залечи раните од минатото, а не повторно да става сол врз нив за никогаш да не залечат. Имаме многу добар пример за тоа што се случи во Европа по Втората светска војна. Само пет години по Втората светска војна која заврши во 1945 година, Франција и Германија, големи непријатели во Првата и Втората светска војна, го почнаа процесот на помирување. Тие го отворија патот за воспоставување на многу важна европска заедница – Европската Унија“, кажа Кос.

Ратко Младиќ, поранешниот командант на војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства, беше погребан завчера на гробиштата Топчидер во Белград.

Во 2017 година, пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Младиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Покрај Младиќ, и поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, а беа изречени и уште три доживотни казни.

Судењето на Младиќ започна на 16 мај 2012 година, а презентирањето на доказите траеше повеќе од четири години.

Советот заседаваше 530 дена од судењето, беа презентирани сведоштва на 592 сведоци и речиси 10.000 доказни материјали.

Ратко Младиќ почина на 27 август во затворската болница во Хаг на 84-годишна возраст.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons