Мистериозен зелен остров плови по огромно езеро во Канада, се гледа и од вселената
На огромното вештачко езеро Вилистон во Британска Колумбија е забележана необична појава што ги изненадила и локалните жители и научниците – цел остров покриен со зелени, здрави дрвја и друга вегетација слободно плови по езерото.
Појавата прв ја снимил локалниот жител Роки Ејвери, кој видеото го објавил на социјалните мрежи. Формацијата повеќе наликува на огромен природен сплав отколку на вистински остров. На неа растат веќе развиени дрвја, а под зелената површина има густ слој испреплетени гранки, трупци и дрвен отпад што ја одржува целата маса на површината на водата.
Поради сè поголемиот број снимки создадени со вештачка интелигенција, во автентичноста на појавата првично се посомневале дури и во компанијата Би-си хидро, која управува со акумулацијата.
„Ова е нешто за што никогаш досега не сме слушнале“, изјавил портпаролот на компанијата Боб Гејмер за канадскиот Си-би-си, додавајќи дека поради големината на езерото било исклучително тешко да се лоцира објектот.
Сателитите потврдија дека островот е вистински
Дека необичната појава не е интернет-измама потврдиле истражувачите и Би-си хидро со анализа на јавно достапни сателитски снимки од системот Коперникус.
На снимка од сателитот Сентинел-2 на Европската вселенска агенција од 21 јули јасно се гледа мала зелена површина што наликува на остров, на околу 100 километри западно од браната В. А. К. Бенет.
Островот подоцна се поместил, а Ејвери објавил дека повторно бил забележан во реката Оспика, која се влева во езерото Вилистон. Авторот на снимката најавил и подводно снимање за точно да се утврди од што е составена оваа пловечка маса.
Како настанал пловечкиот остров?
Точниот механизам сè уште не е целосно разјаснет, но најверојатното објаснување е поврзано со фактот дека езерото Вилистон годинава првпат по 14 години го достигнало максималното ниво на водата.
Експертите од Би-си хидро претпоставуваат дека островот со години се формирал покрај брегот или во некој заштитен залив. Кога нивото на водата нагло се зголемило во текот на јуни и јули, високата вода ја подигнала наталожената органска маса заедно со дрвјата, ја одвоила од брегот и практично го пуштила „островот“ да плови по езерото.
Мистериозниот пловечки остров не ја загрозува работата на браната, но издадено е предупредување за сопствениците на чамци и за рибарите. Огромната пловечка маса претставува сериозна опасност за пловидбата додека неконтролирано се движи по површината на езерото Вилистон, седмата по големина акумулација во светот.



