Магазин

Научници: Стресот го намалува обемот на мозокот

Високото ниво на кортизол, хормонот на стресот, влијае врз мозочните функции, големината на мозокот и резултатите постигнати на когнитивните тестови. Намалување на мозочната маса и губење на меморијата се откриени и кај релативно млади лица.

Кортизолот е еден од клучните хормони што му помагаат на организмот да реагира на стрес.

Во стресна ситуација, надбубрежните жлезди произведуваат повеќе кортизол. Тој привремено ги забавува функциите на организмот што не се неопходни во моментот, за телото да може да ја насочи енергијата кон брза реакција и преживување. Тоа е корисно во опасни ситуации, кога човекот треба да се бори или да побегне.

Штом опасноста помине, нивото на кортизол се намалува и телесниот систем се враќа во нормала.

Во спротивно, се појавуваат главоболка, депресија, проблеми со срцето, концентрацијата и меморијата.

Високото ниво на хормонот на стресот може да биде рано предупредување дека лицето е склоно кон развој на деменција.

Научниците спровеле студија на повеќе од 2.000 лица без знаци на деменција, со просечна возраст од 49 години.

Задачата била да направат различни психолошки тестови со кои биле мерени вештините за помнење и способноста за размислување, односно поврзување.

По осум години, тестот бил повторен, а било измерено и нивото на кортизол во крвниот серум. Кај дел од испитуваната група бил измерен и обемот на мозокот.

Кај испитаниците со повисоко ниво на кортизол во организмот бил забележан намален обем на мозокот во споредба со лицата со просечно ниво, а биле забележани и послаби резултати на тестовите за меморија и размислување.

Истражувањето покажува дека кај луѓето во средовечна возраст, пред појавата на деменција, мозокот се намалува и „се собира“. За да се спречи тоа, потребно е да се намали стресот.

Одењето во кревет порано и вежбањето може да помогне во ова.

Научниците истакнуваат дека учесниците во истражувањето биле претежно европски граѓани, поради што резултатите можеби не ја одразуваат реалната состојба кај целата човечка популација.

Резултатите од студијата се објавени во стручното списание „Неврологија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons