Цела Македонија под портокалова фаза: Следува топол ден со силен ветер
Управата за хидрометеоролошки работи издаде портокалово предупредување за територијата на цела Македонија за денешниот ден.
Времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, но ќе биде проследено со повремено силен ветер.
По должината на Повардарието и во одделни региони се очекува засилен ветер од северозападен правец, чија брзина на моменти ќе достигнува и до 60 километри на час.
Утринските температури се движат во интервал од 12 до 21 степен, додека максималните дневни ќе се искачат помеѓу 30 и 37 степени.
Во Скопје се очекува слично време — сончево и топло со мала до умерена облачност, придружено со засилен ветер од северен правец. Дневната температура во главниот град ќе достигне до 33 степени, додека утринската се спушти до 16 степени.
Синоптичарите најавуваат стабилно и топло време и во текот на следната работна седмица. Утре повторно ќе дува засилен северозападен ветер, а од вторник се очекува промена на правецот во југоисточен.



