Клиниката за физикална медицина во Скопје ќе се реконструира со 92,7 милиони денари
Започнува реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, инвестиција вредна 92,7 милиони денари без ДДВ, со која ќе се подобрат условите за пациентите и медицинскиот персонал и значително ќе се зголеми енергетската ефикасност на објектите, информираат од Министерството за финансии.
Како што посочуваат, потпишан е Договор за грант помеѓу Министерство за финансии и Министерство за здравство за реализација на под-проектот „Реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје со мерки за енергетска ефикасност“, кој ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, со грант средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
-Овие активности се дел од Компонентата 1б од Проектот, која опфаќа реконструкција со мерки за енергетска ефикасност на објекти на централната власт и јавни здравствени установи. Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Со инвестицијата Клиниката ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри и пофункционални услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој, третман и лекување на пациентите, посочуваат од Министерството за финансии.
Предвидените градежни активности, како што прецизираат, опфаќаат поставување термичка изолација на фасадите и кровните конструкции, замена на постојната дотраена столарија со нова енергетски ефикасна столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и замена на постојното осветлување со современи енергетски ефикасни LED-системи.
-Во рамките на реконструкцијата ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе се замени досегашниот систем за загревање на мазут, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за функционирање на установата и намалување на негативното влијание врз животната средина. Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на енергетските карактеристики на клиниката, но и создавање посовремена, пофункционална и поквалитетна здравствена средина за пациентите и медицинскиот персонал, велат од Министерството за финансии.
Нагласуваат дека реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје претставува уште една значајна инвестиција во модернизацијата на јавната здравствена инфраструктура и е дел од пошироките активности за унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти, поефикасно користење на јавните средства и обезбедување поквалитетни јавни услуги за граѓаните.



