Ѓуретановиќ го собори рекордот стар 30 години и влезе во историјата на македонското пливање
Македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ со нов успех, но и рекорд во македонското пливање.
На Европското првенство во Париз тој постави нов државен рекорд на 200 метри слободно, соборувајќи го рекордот кој цели 30 години беше во сопственост на легендарниот Александар Маленко.
Ѓуретановиќ во квалификациите исплива 200 метри за 1:52.59 минути, со што за 15 стотинки го подобри досегашниот национален рекорд. Рекордот на Маленко беше поставен во Копенхаген и остана ненадминат уште од 1996 година.
За Ѓуретановиќ, ова беше уште еден значаен чекор напред. Со денешното време тој го подобри и својот личен рекорд, пливајќи дури 27 стотинки побрзо од најдоброто време што го постигна во јуни годинава.
Македонскиот пливач настапи како единствен претставник на нашата земја на шампионатот во Париз. Во својата квалификациска група, во која имаше десет пливачи, тој го освои шестото место. Во генералниот пласман заврши на 70. позиција од вкупно 87 натпреварувачи.
Иако резултатот не му беше доволен за пласман во следната фаза, Ѓуретановиќ од Париз заминува со резултат кој ќе остане запишан во историјата на македонското пливање.
Неговиот настап на Европското првенство продолжува в недела, кога ќе се натпреварува на 400 метри слободно.



