Поднесено обвинение против Артан Груби за „Лотарија“ и барање да остане во куќен притвор
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против вкупно 8 лица за злоупотреби во случајот „Државна лотарија“. Штетата е 507.632.173 денари, објави ОЈО.
Побарана е мерка притвор од 30 дена за поранешниот директор Перпарим Бајрами кој е во бегство, додека за поранешниот вицепремиер Артан Груби е предложено продолжување на мерката куќен притвор. Останатите обвинети имаат обврска да се јавуваат повремено во Судот, привремено им е одземена патната или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.
– Тие биле свесни дека Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.
И покрај тоа, првиот обвинет генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година, до третиот обвинет – Генерален секретар на Владата на РСМ доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.
Генералниот секретар на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Влада на РСМ и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган.
Вториот обвинет, кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво.
Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали.
Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ, објави ОЈО.



