„Водата е чиста и исправна за пиење – не паѓајте на дезинформации“, порачаа од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје
Скопјани нека не потпаѓаат под влијание на дезинформации кои неодговорно се шират по социјалните мрежи за наводно присуство на бактерии во водата во Скопје, водата во градскиот водовод ечиста и исправна за пиење, изјавија од ЈП Водовод и Канализација за порталот Пари, од каде додаваат дека квалитетот и безбедноста на водата за пиење редовно лабораториски се испитува за хемиско-физичка и микробиолошка исправност и резултатите не покажале никакви отстапувања од пропишаните стандарди.
Од јавното претпријатие најавија и дека за кусо време ќе излезат со соопштение со кое подетално ќе ја информираат јавноста за исправноста на скопската вода и ќе ги демантираат ваквите шпекулации.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски за денес во 14 часот најави прес конференција.
ЈП Водовод и канализација врши редовни лабораториски испитувања на квалитетот и безбедноста на водата од скопскиот водовод спроведени во Секторот за санитарна контрола и за тоа ја информира јавноста. Во денешниот неделен извештај на Водовод, се вели: Секторот за санитарна контрола во периодот од 04.05.2026 до 08.05.2026 зема 192 примероци за физичко-хемиска и 192 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 48 мерни места во Градот Скопје.
Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18).



