Средношколци се вратија со бронзени медали од Европската олимпијада по вештачка интелигенција во Романија
Од 14-ти до 19-ти јули, во Клуж-Напока, Романија, успешно се одржа првото издание на престижниот меѓународен натпревар Европската олимпијада по вештачка интелигенција (ЕОВИ 2026), наменет за најталентираните средношколци од областа на вештачката интелигенција, каде македонските претставници се вратија со извонреден успех.
На првото издание на оваа олимпијада учествуваа околу 90 избрани ученици од 23 европски држави, како и гостински тимови (во неофицијална конкуренција) од неколку држави надвор од Европа: Алжир, Иран, Казахстан, Малезија, Порторико, Руанда, Обединетите Арапски Емирати и Виетнам.
Во текот на двата натпреварувачки дена, учениците решаваа сложени задачи кои бараа длабоко разбирање на современите методи на вештачката интелигенција, развој и тренирање на модели, како и примена на напредни алгоритамски техники.
Македонија на олимпијадата беше претставена со тим од Здружението на информатичарите на Македонија составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од прилепската гимназија, Тодор Пљаков од велешката гимназија, како и Андреј Ангелов и Анастасија Пецевска од државната математичко-информатичка гимназија, предводени од тим лидерите м-р Владислав Бидиков и м-р Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонскиот тим оствари извонреден успех, при што Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов и Тодор Пљаков освоија бронзени медали.

„Освојувањето на три бронзени медали претставува значајно меѓународно признание за квалитетот, знаењето и посветеноста на македонските млади информатичари, како и потврда за нивната конкурентност на европската сцена. За постигнување на овој успех тимот дојде подготвен, благодарение на соработката на здружението со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во рамките на новиот проект „Везилка“ кој меѓу другото работи и на зголемување на базата со таленти во областа на вештачката интелигенција. Подготовките опфатија интензивна работа на задачи од областа на вештачката интелигенција, алгоритмите и машинското учење, овозможувајќи им на учениците да стекнат знаења и искуство неопходни за успешно претставување на Македонија на ова престижно европско натпреварување“, изјави ретседателот на Здружението на информатичарите, проф. д-р Миле Јованов.



