Македонија

Доктори кои не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети заради лајкови, вели Клековски

Клековски вели дека водата за пиење ќе биде пуштена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна.

Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше граѓаните да ги следат официјалните упатства и канали за информирање по состојбата со водата за пиење во Гостивар. Ги повика и докторите, кои не биле епидемиолози и инфектолози, да не даваат совети заради „лајкови и кликови“.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемилози, инфектолози, даваат различни совети и различни мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и за собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат официјалните упатства и канали. Ние секако ја следиме состојбата“, рече Клековски.

Во анализата на микробиолошката и вирусната состојба на водата за пиење во Гостивар, Клековски рече дека е вклучена и Клиниката за инфективни болести, која има „најширок панел на бактерии и вируси коишто можат да се контролираат“.

„Значи нема вирус кој не може да биде детектиран. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна. Во моментот не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика, после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати тоа се вируси кои даваат веднаш клиничка слика, со стомачни проблеми и треска“, изјави Клековски.

Во меѓувреме продолжува трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти во Гостивар, односно лица кои за првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.

Според податоците од јавните здравствени установи, во текот на понеделникот во Општата болница Гостивар биле извршени вкупно 183 прегледи, од кои 111 на Инфективното одделение, 65 на Педијатриското одделение и седум во Ургентниот центар. Во Здравствениот дом Гостивар, пак, биле евидентирани 110 прегледи, како и 25 повици до Итната медицинска помош.

Клековски посочува дека во споредба со претходниот ден, кога во Општата болница биле регистрирани 289 прегледи, вчера нивниот број е намален за 38 проценти и изнесувал 183.

Тој додава дека континуирано се намалува и бројот на прегледи во Здравствениот дом, каде што на 18 јули биле регистрирани 315 пациенти, на 19 јули 275, а на 20 јули 110 пациенти, што, според него, укажува на продолжување на позитивниот тренд.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons