СЕДУМ ЛИЦА ЗАД РЕШЕТКИ, ШЕСТ ЗАПЛЕНЕТИ МОТОЦИКЛИ И ЕДЕН АВТОМОБИЛ – МВР изрече бројни казни по викнед контролите
Во текот на викендов спроведени се акциски контроли во сообраќајот во Куманово и Тетово од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи при што се изречени 114 санкции, лишени од слобода седум лица и одземени шест мотоцикли и едно патничко возило.
– На 13.06.2026 во периодот од 17:00 до 23:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спроведе акциска контрола во сообраќајот на подрачјата на Куманово и Тетово со цел санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
При контролата во Куманово изречени се вкупно 43 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Од нив 28 мерки за возачи кои управуваат мотоцикл без кацига, две мерки за управување мотоцикл со несоодветна категорија, една мерка за измината важност на сообраќајната дозвола на мотоцикл, една мерка за истечена полиса за осигурување, една мерка за неистакната регистарска таблица, две мерки за други прекршоци сторени од возачи на мотоцикли и четири мерки за останати прекршоци во сообраќајот.
Исто така, при контролата откриени се четири кривични дела, од кои два сторители се малолетници. Сторителите се лишени од слобода по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, а одземени три мотоцикли и едно патничко моторно возило – посочуваат од МВР.
Воедно додаваат дека при контролата во Тетово изречени се вкупно 71 мерка за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела.
– Од нив 40 мерки за возачи кои управуваат мотоцикл без заштитен шлем (кацига), четири мерки за возачи на електрични тротинети, три мерки за неистакната регистарска таблица, две мерки за измината важност на сообраќајната дозвола на мотоцикл, една мерка за измината полиса за осигурување, 16 мерки за други прекршоци сторени од возачи на мотоцикли и две мерки за останати прекршоци во сообраќајот. Исто така, откриени се три кривични дела, а сторителите се лишени од слобода за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, при што се одземени три мотоцикли – нагласуваат од МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Воедно од МВР објавија дека направена била акциска контрола во сообраќајот и во Скопје, при што биле изречени 219 санкции, а одземен еден мопед.
– На 14.06.2026 во периодот од 16:00 до 24:00 часот на подрачјето на Скопје, Одделението за безбедност на патниот сообраќај и Единицата за полициски станици од општа надлежност при СВР Скопје спроведоа зајакната акциска контрола во сообраќајот.
Притоа, беа преземени вкупно 219 мерки, од кои – 66 мерки за управување мотоцикл без кацига, шест мерки за возење со несоодветна категорија, 15 мерки за возење велосипед со помошен мотор без положен возачки испит, една мерка за нерегистриран мотоцикл, две мерки затоа што не застанале на даден знак и 129 мерки по останати прекршоци – не носеле возачка или сообраќајна дозвола, не била истакната регистарска табличка, недавање првенство на возила или на пешаци и друго.
При акциската контрола, констатирано е едно кривично дело безобѕирно управување со мопед, односно присуство на алкохол во крвта од 1,93 промили по член 297-а од Кривичниот законик, по што мопедот е одземен – појаснуваат од МВР.



