Македонија

Нови правила на патарините од 15 јуни: Еве што мора да знаат возачите!

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги потсетува возачите дека од полноќ, односно од 15 јуни, стапуваат во сила измените во системот за наплата на патарините, со кои лентите означени за М-Таг ќе бидат наменети исклучиво за корисници на електронските уреди за наплата.

Од ЈПДП апелираат граѓаните пред пристигнување на наплатните станици внимателно да ги следат информативните електронски табли и да ја изберат соодветната лента според начинот на плаќање.

„Лентите означени за М-Таг ќе бидат наменети исклучиво за користење од страна на корисници со електронски тагови. Со оваа измена се укинува можноста за наплата со М-Кард на лентите предвидени за М-Таг“, информираат од претпријатието.

Според новата организација, лентите ќе бидат поделени на: наплата со М-Таг, наплата со М-Кард, наплата со готовина и М-Кард.

Од ЈПДП посочуваат дека корисниците на М-Кард ќе треба да ги користат останатите достапни ленти согласно нивната намена.

Воедно, се апелира и на почитување на сообраќајната сигнализација на наплатните станици. Зелената стрелка означува дека лентата е активна и отворена за сообраќај, додека црвениот икс (X) означува дека лентата е затворена.

Од претпријатието предупредуваат дека непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои, да ја намали ефикасноста на наплатата и да влијае врз безбедноста на сообраќајот.

Известувањето е објавено со цел навремено информирање на возачите и нивно прилагодување на новиот начин на функционирање на наплатните станици.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons