Почнува фудбалската треска: Стартува најголемото Светско првенство во историјата
Чекањето заврши, денеска почнува Светското фудбалско првенство кое се одржува во САД, Канада и Мексико, најмасовно досега, за првпат со 48 репрезентации кои ќе го дадат максимумот и ќе се обидат да ги исполнат своите цели.
Македонската радио телевизија за првпат нема да го пренесува Светското првенство. Арена Спорт Македонија ги има ексклузивните права за Мундијалот. Програмата ќе стартува со почетокот на мечот меѓу Мексико и Јужна Африка со кој ќе се отвори најголемиот фудбалски турнир. Утрово се игра и дуелот меѓу Јужна Кореја и Чешка, почетокот е закажан за 4 часот.
Овој Мундијал ќе биде последен за големите Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Лука Модриќ. Тројцата последен пат ќе танцуваат на Светските првенства и како лидери ќе се обидат да стигнат најдалеку со своите селекции.
Франција според составот е најголем фаворит за освојување на Светското првенство, тука се Шпанија, Англија, Португалија, Аргентина, Бразил кои исто така целат кон големиот пехар.

Помина времето кога имаше голема разлика во квалитет меѓу репрезентациите, веќе години наназад сме сведоци на изненадувања, на натпревари во кои Давид го победува Голијат. Се очекува дека и на овој Мундијал ќе има такви натпревари кога малиот ќе го шокира големиот.
Едно е сигурно, од денеска до 19 јули светот ќе биде во знакот на фудбалот кој ќе биде главната тема во секое маало, секој дом, секоја кафеана… да уживаме.



