Нови правила за дискотеки, кабареа и апартмани за издавање, се удвојуваат давачките и казните
Апартманите што се издаваат ќе мора да се категоризираат, а категоризацијата ќе ја прави комисија формирана од градоначалниците.
Дискотеките, кабареата и ноќните барови ќе добијат посебен државен регистар на лиценци, а сопствениците на апартмани и приватно сместување ќе плаќаат трошоци за категоризација. Надоместоците во дел од постапките се удвојуваат, а речиси сите административни процедури во угостителството ќе се поднесуваат и ќе се издаваат онлајн. Ова се дел од најзначајните измени што Владата ги предлага со новиот предолг закон за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност, кој веќе е во Собрание.
Со предложените решенија се воведуваат електронски барања, електронски лиценци, онлајн жалби, нови регистри за угостителските објекти, построги правила за категоризација на приватното сместување и нови казни за службени лица и членови на комисии што нема да постапуваат во законските рокови. Една од највидливите новини е формирањето регистар на издадени лиценци за ноќни барови, кабареа, дискоклубови и дискоклубови на отворен простор.
Регистарот ќе го води Министерството за економија и труд надлежно за угостителство, а ќе содржи податоци за сите издадени лиценци во државата. Воедно, постапката за добивање лиценца треба да стане побрза. Според предлог-законот, надлежниот министер ќе мора да донесе решение во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето, а лиценцата ќе се издава истиот ден кога ќе биде донесено решението.
Големи промени се предвидуваат и за приватното сместување. Категоризацијата на куќи за одмор, апартмани, станови и соби за издавање повеќе нема да биде формалност, туку ќе ја вршат тричлени комисии формирани од градоначалниците. Решението за категоризација ќе се носи во рок од 30 дена и ќе важи три години. Дополнително, секоја општина ќе мора да води регистар на категоризирани објекти и двапати годишно да испраќа извештаи до Министерството за економија и труд.
Целта е државата за првпат да воспостави единствена база на податоци за сите сместувачки капацитети во земјата. Нова финансиска обврска добиваат и физичките лица што издаваат сместување. Трошоците за категоризација ќе бидат на нивен товар, а висината на надоместокот ќе ја определува градоначалникот на општината.
Предлог-законот носи и значајна дигитализација на секторот. Угостителите, туристичките агенции и физичките лица ќе можат електронски да поднесуваат барања за регистрација, да пријавуваат исполнетост на условите за работа, да бараат лиценци и да комуницираат со институциите преку Националниот портал за електронски услуги.
Решенијата, лиценците и другите документи ќе можат да се издаваат во електронска форма, а жалбените постапки исто така ќе се водат по електронски пат. Во случај на технички проблеми, ќе може да се користи квалификувана електронска препорачана достава.
Во практика тоа значи дека граѓаните и компаниите повеќе нема да треба постојано да носат документи од една институција во друга. Државните органи ќе бидат обврзани потребните податоци да ги обезбедуваат по службена должност.
Финансиски измени има и за туристичките агенции и за дел од угостителските субјекти. Со предложените измени се удвојуваат надоместоците во членот 27-г. Наместо досегашните 100, 200, 300, 400 и 500 евра, новите износи ќе бидат 200, 400, 600, 800 и 1.000 евра.
Предвидени се и нови санкции за службени лица и за членови на комисии. Казни од 25 до 50 евра ќе добиваат службениците што нема навремено да ги обезбедуваат доказите или нема да постапуваат во законските рокови. За необјективна категоризација членовите на комисиите ќе се соочат со глоба од 150 евра, додека одговорните лица што нема да ги достават решенијата до барателите, ќе можат да бидат казнети со од 300 до 500 евра.
Според Владата, реформата е дел од обврските преземени во рамките на Реформската агенда и треба да придонесе за намалување на административните бариери, побрзи услуги и поефикасна јавна администрација. Воедно, со исполнување на овие обврски државата ќе може да користи повеќе од 4,28 милиони евра од европскиот Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.
Според законот, угостителите и физичките лица ќе имаат рок од една година да го усогласат своето работење со новите правила, додека новите регистри и подзаконски акти треба да бидат воспоставени во рок од шест месеци.



