Научниците открија кој зеленчук има најголема хранлива вредност во светот
Зеленчукот е важен дел од урамнотежената исхрана, но некои видови особено се издвојуваат по високата концентрација на витамини, минерали и други корисни хранливи материи. Токму затоа американскиот Центар за контрола и превенција на болести спроведе истражување во кое рангираше повеќе од 40 видови овошје и зеленчук според нивната хранлива вредност. На самиот врв на листата се најде една намирница која освои совршени 100 поени.
Станува збор за поточарка, лиснат зеленчук со благо пиперлив вкус, која на листата ги надмина кинеската зелка, блитвата, листовите од цвекло и спанаќот. Поточарката припаѓа на истото растително семејство како зелката, кељот, ротквичка и синапот, пренесува Дејли експрес.
Богата со витамини и минерали
Д-р Ејми Ли, стручњак за исхрана ги истакна нејзините предности.
„Поточарката има бројни здравствени придобивки. Богата е со витамин А и калиум, и тоа во поголеми количества од обичната зелена салата“, изјави Ли. Освен тоа, содржи големи количества витамин Ц и обезбедува калциум, железо, витамин Е, витамин К и витамин Б6.
Во истражувањето на Центарот за контрола и превенција на болести биле анализирани повеќе од 40 видови таканаречено „моќно овошје и зеленчук“, односно намирници кои се поврзуваат со намален ризик од хронични заболувања. Истражувачите составиле список врз основа на постојната научна литература и препораките за исхрана, а потоа за секоја намирница пресметале оценка за густината на хранливите материи.
Поточарката лесно може да се вклучи во секојдневната исхрана. Најчесто се комбинира во салати, сендвичи и тортиљи, може да се додава во смути напивки или да се послужи како додаток во супи и други јадења.
Истражувањето покажало и дека меѓу највисоко рангираните намирници главно се наоѓаат зелките и зелениот лиснат зеленчук, додека морковот, доматот, слаткиот компир, цитрусното овошје и бобинките се најдоа претежно во долната половина од листата.



