Доаѓа силен Ел Нињо, ни се закануваат екстремни температури
Метеоролошката агенција на Обединетите нации (ВМО) денес соопшти дека се очекува умерен до силен феномен Ел Нињо, што би можел дополнително да ги зголеми глобалните температури и ризикот од екстремни временски услови во наредните месеци.
Ел Нињо претставува периодично затоплување на површинските води на морето во централниот и источниот дел на Тихи Океан и обично трае помеѓу девет и 12 месеци, според ВМО, пренесува Ројтерс.
Агенцијата соопшти дека топлите океански води го поттикнуваат развојот на Ел Нињо и дека се очекуваат температури над просекот од јуни до август во поголемиот дел од светот.
Организацијата проценува дека феноменот веројатно ќе продолжи до ноември.
„Треба да се подготвиме за потенцијално силен Ел Нињо, кој ќе ги интензивира сушите и обилните врнежи од дожд, како и дека ќе го зголеми ризикот од топлотни бранови и на копно и во океаните“, изјави генералната секретарка на ВМО, Селесте Сало.
Според неа, претходниот Ел Нињо во 2023-2024 година придонесе 2024 година да стане најтопла година досега.
ВМО соопшти дека се забележани промени во екваторијалниот Пацифик, при што температурите на површината на морето нагло се зголемиле од крајот на април до средината на мај, што укажува на развој на услови карактеристични за Ел Нињо.
Агенцијата исто така регистрирала невообичаено високи температури во подземните слоеви на тропскиот Пацифик, кои се повеќе од шест степени Целзиусови над просекот, што дополнително го стимулира затоплувањето на површинските води.
Според извештајот, овој временски модел ја нарушува регионалната клима и може да донесе зголемени врнежи од дожд во јужните делови на Јужна Америка, јужните делови на САД, делови од Африканскиот Рог и централна Азија, додека во исто време може да предизвика суша во Австралија, Централна Америка, Индонезија и делови од јужна Азија.



