ОПЕК ГО ПОСЛУША АПЕЛОТ НА ЗАПАДОТ: Ќе го зголемуваат производството, цената на нафтата ќе паѓа
Глобалната асоцијација за нафта во јули ќе произведува 50 отсто повеќе нафта отколку во претходните месеци. Во согласност со повеќемесечните очекувања на Западот, ОПЕК и ОПЕК Плус – двете глобални асоцијации од 23 земји извознички на нафта, предводени од Саудиска Арабија и Русија – одлучија вчера значително да го зголемат производството за 648.000 барели дневно во јули и август. Договорот постигнат на редовната (видео) седница на претставниците на ОПЕК и „ОПЕК плус“ претставува значително отстапување од месечната квота за постепено заедничко додавање нафта на пазарот од 432.000 барели, утврдена во мај 2020 година. Претходната квота беше воведена поради постепеното стабилизирање на нарушувањата на светскиот пазар предизвикани од пандемијата на корона вирусот. На веста за зголемувањето на летната квота за 50 отсто, цената на барелот вчера падна на околу 112 долари.
Во првите извештаи од седницата на ОПЕК и „ОПЕК Плус“ не беше наведено дали Русија (вториот најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија) е изземена од обврската да го почитува својот удел во квотата, поради фактори кои се надвор од нејзина контрола. Во официјалното соопштение од седиштето на ОПЕК во Виена не е прецизирано кои членки на ОПЕК и ОПЕК Плус се договориле за зголемување на производството. Според „Фајненшл тајмс“, Саудиска Арабија им сигнализирала на западните партнери дека е подготвена да го зголеми производството на нафта и да го компензира очекуваниот пад на испораките на руски барели поради режимот на санкции.
Во секој случај, подготвеноста на ОПЕК и „ОПЕК плус“ и покрај се да ги прифатат апелите на Западот и драстично да го зголемат производството за да ја срушат рекордно високата цена на нафтата, беше договорена во деликатен момент. Од една страна, ден пред редовната седница на ОПЕК и „ОПЕК плус“, американскиот претседател Џозеф Бајден објави дека Вашингтон нема начин да ги урне моментално рекордните цени на бензинот и храната во САД на краток рок.
Последната одлука на ОПЕК и „ОПЕК плус“ донесе видливо олеснување на светските нафтени берзи, но сепак не отфрли многу дилеми кои се појавија по одлуката на ЕУ да воведе делумно ембарго за увоз на нафта и нафтени деривати од Русија во следните шест до осум месеци. Светските берзи на нафта се соочуваат со низа моментално нерешливи загатки.
Брисел индиректно ги охрабри руските купувачи на нафта (кои не се грижат многу за западните санкции) да развијат имагинативни варијанти на претовар на тој извор на енергија – во средината на Медитеранот, долж западниот брег на Африка и на Црното Море – објави Волстрит журнал. Некои товари на ваква маскирана руска нафта веќе стигнале до купувачите на источниот брег на Америка, како и на пазарот во Западна Европа, открива американскиот дневен весник.
ФОТО: EPA/NOUFAL IBRAHIM