Нов земјотрес од 6,2 степени ја погоди Јапонија
Нов земјотрес беше регистриран во Јапонија, овој пат со магнитуда од 6,2 степени на островот Хокаидо, објави Германскиот истражувачки центар за геонауки, пренесе Би-би-си.
Епицентарот е регистриран на длабочина од околу 80 километри, а во првите часови по потресот не се пријавени жртви или материјална штета.
Хокаидо е најсеверниот остров во Јапонија и втор по големина. Не е издадено предупредување за цунами, а епицентарот се случил во регион кој не е пренаселен, 200 километри источно од Сапоро. Беше нагласено дека во областите каде што се случиле посилни тресења на земјиштето, ризикот од одрони на карпи и лизгање на земјиштето е зголемен.
Предупредувања за можен нов „голем“ земјотрес
Јапонија деновиве е актуелна со потресите. Претходната недела североисточниот брег ја погоди земјотрес со јачина од 7,7 степени, предизвикувајќи наредба за евакуација и предупредувања за цунами бранови, кои достигнаа висина од 80 сантиметри.
Јапонските власти за следниов период веќе предупредија за зголемен ризик од „голем земјотрес кој ќе предизвика уште посилно тресење“, со што би се создале и поголеми бранови.
Властите соопштија дека ризикот од земјотрес со јачина од 8,0 степени или повеќе е „релативно поголем од вообичаеното“.
Жителите на Јапонија сè уште ги носат траумите од силниот земјотрес во 2011 година, кој предизвика цунами што однесе повеќе од 18.000 животи и доведе до нуклеарна несреќа во Фукушима.
По последниот подморски земјотрес, регистриран на длабочина од 10 километри, беа издадени предупредувања за можни поголеми бранови за жителите во областите најблиску до епицентарот — на главниот јапонски остров Хоншу и во северниот регион Хокаидо.
Тресењето се почувствувало и во Токио.
Во Хокаидо, предупредувањата за цунами останаа во сила неколку часа откако земјотресот се случи во 16:52 по локално време.
„Штом го слушнавме предупредувањето за земјотрес, сите истрчавме надолу,“ изјави Чау Су Тве, државјанка на Мјанмар која живее во Хокаидо, за Би-би-си.
„Сепак, овојпат тресењето беше релативно благо. Во моментов, локалните власти користат разглас во соседството за да ги предупредат луѓето за можен цунами бран и да останат внимателни. На вработените во канцелариите им беше дозволено порано да си заминат од работа“, додаде таа.
Неколку брзи возови беа погодени, а 100 домаќинства останаа без електрична енергија, изјави секретарот на јапонската влада Минору Кихара пред новинарите.
Тој додаде дека нема непосредни извештаи за поголема материјална штета или повредени.
Повеќе од 170.000 луѓе во неколку префектури беа наредени да се евакуираат откако беа издадени предупредувања за цунами долж делови од источниот брег на Јапонија.
Предупредувањето беше на второто највисоко ниво од трите нивоа на тревога, при што на луѓето им беше наложено да ги напуштат крајбрежните и речните области и да се упатат кон повисоки места или во објекти за евакуација.



