МакедонијаНајново

МОН не ги прифати најголемиот дел наши забелешки за законите за високо образование, реагира Независниот академски синдикат

Независниот академски синдикат (НАкС) информира дека изминатиов петок, 17 април, по своја иницијатива имал средба со министерката за образование и наука, Весна Јаневска и со претставници на ресорното министерство, но немало разбирачка за повеќето нивни предлози поврзани со пакетот предлог-закони за високото образование, научноистражувачката дејност и обезбедувањето квалитет.

„И покрај изнесените аргументи и укажувања, НАкС со жалење констатира дека на средбата не беа прифатени најголем дел од нашите предлози за подобрување на текстот на законите. Претставниците на МОН изразија отвореност само за подобрено дефинирање на релевантните научни бази за научното поле на јазиците и книжевноста“, посочуваат од НакС.

На средбата, претставниците на НАкС детално ги образложиле своите забелешки, ставови и аргументи во однос на предложените законски решенија, со посебен акцент на прашањата поврзани со почитувањето на принципот на универзитетската автономија.

Понатаму, се зборувало за распределбата на надлежностите меѓу независните тела и извршната власт, за условите за избор во наставно-научни и научни звања, за финансирањето на научноистражувачката дејност, како и за финансиската и кадровската автономија на високообразовните и научните установи.

„НАкС останува посветен на принципите на академска автономија, заштита на квалитетот и на институционалната одговорност во високото образование и науката и ја реафирмира својата подготвеност за натамошен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решенија што ќе придонесат за одржлив развој на македонскиот систем на високото образование и науката“, посочуваат од Независниот академски синдикат.

Тие претходно побараа да продолжат разговорите со МОН, со цел, како што ракоа, да се спречат непоправливи штети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons