ССМ денеска ќе се одлучува за генерален штрајк
Откако вчера Сојузот на синдикатите на Македонија не постигна договор со Владата за линеарно зголемување на платите, денеска ќе заседаваат претседателството и советот на ССМ кои треба да одлучат за почнување генерален штрајк.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски по вчерашната двочасовна средба во Владата изјави дека не е постигнат договор со Владата за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и оти денеска ќе биде донесена одлука за генерален штрајк.
Димовски кажа дека е разочаран од разговорите со владините претставници, кои, како што посочи, имале одговор за се, само не за главното – за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за ова нивно барање како што им било ветено за време на преговорите.