Херојски подвиг: Д-р Чадиковски спаси бебе тешко 2,5 кг по шестчасовна сложена операција!
Владимир Чадиковски уште еднаш покажа зошто јавноста го нарекува „медицински херој”.
Македонскиот детски кардиохирург изврши сложена, шестчасовна операција на срце кај бебе тешко само 2,5 килограми. По интервенцијата и 11 дена поминати на апарат за екстракорпорална мембранска оксигенација (ECMO) – машина што ја презема функцијата на срцето и белите дробови – детето за првпат е успешно одвоено од апаратот.

Добрата вест ја сподели самиот доктор преку социјалните мрежи, истакнувајќи го значењето на овој медицински успех.
„По 6-часовна тешка операција на срце кај бебе тешко само 2,5 кг, и по 11 дена поминати на ECMO… денес, за првпат во Македонија, детето успешно е одвоено од машината”, напиша д-р Чадиковски.
Тој изрази надеж за брзо и успешно закрепнување на бебето во наредните денови, упатувајќи благодарност и до целиот медицински тим кој учествувал во овој сложен зафат.
Овој подвиг претставува значаен успех за македонското здравство и уште една потврда за високото ниво на стручност и посветеност на домашните лекари.



