Мажи ги тепале жените, свекрва нападнала снаа, но и жена го удрила партнерот – седум пријави за семејно насилство
За 24 часа полицијата евидентирала седум пријави за семејно насилство, по што три лица биле уапсени. Најголем број од жртвите се жени, нападнати биле од нивните сопрузи, една жена пријавила напад од свекрвата, а скопјанец пак пријавил дека нападнала партнерката.
Вчера во село во струмичко, уапсени биле и жена и маж.
– 29-годишната жена пријавила дека во нивниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг, додека подоцна и сопругот пријавил дека бил нападнат од неговата сопруга. Двете лица се задржани во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица – се вели во пријавата.
Пријави имало и во Кавадарци, Струмица, Кичево.
На 14.03.2026 година во 20:10 часот, во ОВР Прилеп, 25-годишна жителка на Прилеп пријавила дека била физички нападната од нејзината свекрва. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Истиот ден, во 17:05 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци лишиле од слобода 41-годишен жител на Кавадарци. По претходна пријава според која на неговата 46-годишна партнерка не и дозволувал да го напушти домот, и се заканувал и ја влечел за раката. Лицето е задржано во полициска станица, за настанот е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 15.03.2026 година во 01:47 часот, во ОВР Кичево било пријавено дека З.Р. од кичевско село физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно расветлување и документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во СВР Скопје, на 15.03.2026 година во 03:00 часот, 84-годишна жена пријавила дека на 14.03.2026 година, во нивниот дом на подрачјето на Бит Пазар, била физички нападната од нејзиниот сопруг М.Б.(87) од Скопје, кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Истиот ден, во 04:00 часот, 52-годишна жена пријавила дека на 14.03.2026 година во дом на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг В.А.(57) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Претходно, на 14.03.2026 година во 12:30 часот, во СВР Скопје 34-годишен маж пријавил дека на 13.03.2026 година, во дом на подрачјето на Кисела Вода каде престојувала неговата партнерка В.А., бил физички нападнат од неа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.



