Состанок од огромна важност, фудбалот може целосно да се промени
Фудбалските правила би можеле значително да се променат од сезоната 2026/27. На годишното собрание на ИФАБ ќе се гласа за измени насочени кон спречување на одолговлекувањето и проширување на ВАР овластувањата.
Се предлага временско ограничување при изведување аут и корнер, како и обврска заменетите играчи во рок од десет секунди да го напуштат теренот. Во игра е и правило според кое фудбалер што добил лекарска помош ќе мора одреден период да остане надвор од играта.
Планирано е и проширување на ВАР протоколот. Освен за гол, пенал и директен црвен картон, во иднина би можело да се интервенира и при втор жолт картон кога има очигледна грешка. Ќе се разгледуваат и дополнителни технолошки решенија, меѓу кои и камери кај судиите, тестирани на турнир на ФИФА.
Темата за таканаречениот Венгеров закон за офсајд останува само на ниво на дискусија и засега е далеку од реализација.



