Свет

Меркел ќе се кандидира за претседателка на Германија?

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел би можела повторно да се појави на политичката сцена, овојпат како кандидатка за сојузна претседателка во 2027 година, објавува „Билд“.

Иако засега нема официјална потврда ниту од ЦДУ ниту од други партии, шпекулациите добиваат на интензитет, бидејќи одредени кругови – особено во редовите на Зелените и делумно во Социјалдемократската партија (СПД) – ја гледаат Меркел како можен обединувачки фактор во период на сѐ поизразена политичка поларизација.

Меркел е во политичка пензија од 2021 година, но нејзиното влијание и симболичка тежина и натаму се значајни. Односите меѓу неа и актуелниот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) одамна се нарушени.

Идејата Меркел да биде избрана за претседателка се толкува и како можен баланс на десниот политички курс на Мерц, како и сигнал за стабилност. Иако функцијата сојузен претседател е претежно церемонијална, таа носи силно морално и политичко влијание. Претседателот не се избира директно од граѓаните, туку од специјално тело – Бундесферамлунг, составено од пратениците во Бундестагот и ист број претставници делегирани од покраинските парламенти. За избор е потребно апсолутно мнозинство во првите два круга, а во третиот е доволно и релативно мнозинство.

Според наводите, Меркел би можела да добие поддршка од опозициските Зелени и СПД, доколку тие одлучат да застанат зад кандидат надвор од актуелната парламентарна коалиција. Во рамки на ЦДУ, пак, се разгледуваат и други имиња, меѓу кои се споменуваат Јулија Клекнер, претседателка на Бундестагот, и министерката за образование Карин Прин, кои важат за блиски до канцеларот Мерц.

Но, во меѓувреме се јави самата Меркел која порача дака нема намера да се врати во политиката.

Гласините беа кратко и јасно оценети со еден збор:

„Апсурдни“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons