Се бара куќен притвор за судијата со соѕидани стотици илјади евра
По два дена шпекулации каде е Апелациониот судија Ѓоко Ристов на кого му беа најдени 350 илјади евра заѕидани во домот на неговите родители во Неготино, се огласи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција дека Ристов бил сослушан и дека обвинителството бара да му се одреди куќен притвор и да му биде земен пасошот.
– Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор. Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање – соопшти Обвинителството.
Предлогот сега ќе оди до судија на претходна постапка кој треба да побара од Судскиот совет да му го одземе имунитетот на Ристов.
-До основен кривичен суд од страна на ојо е доставен предлог за определување мерка куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство, предлогот е распределен кај судија на претходна ппстапка кој веднаш достави известување до надлежниот судски совет од каде се очекува одговор, по што судијата ќе продолжи со постапување – соопшти Кривичниот суд.



