Митев: Фокусот е на Данска, се подготвуваме да го следиме нивниот ритам
Репрезентацијата на Македонија од неделата е во Данска и ги одработува последните подготовки пред Европското првенство.
Утрово репрезентативците одработија фитнес тренинг во теретана, а веќе вечерва се враќаат на тренинзите в сала. По тренингот своите очекувања ги сподели „моторот“ на репрезентацијата Марко Митев.
„Добивме ден одмор по напорниот пат. Утрово одработивме фитнес тренинг, а вечер ќе тренираме во сала. За три дена започнува Европското првенство. Нашиот фокус моментално е на првиот натпревар со Данска. Можеби тие се фаворити, но наше е да го дадеме максимумот и да се избориме за добар резултат. Имаме уште три дена да се подготвиме, како тактички, така и физички и се надевам дека ќе успееме да го следиме нивниот ритам и се надеваме на позитивен резултат“, изјави Митев.
Македонија ќе престојува во Силкеборг во следните два дена, па репрезентативниот камп се сели во Хернинг.



