Внимавајте, падна уште една жртва на лажните лекари што „оперираат“ во Македонија
Вчера во 15 часот во ОВР Виница, 67-годишна жена од Виница пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 12.400 евра. Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и кажало дека нејзината снаа имала тешка повреда на работното место и дека се потребни пари за да се направи операција. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и ги оставила на местото, каде што ѝ кажало лицето, но подоцна сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ова не е првпат неделава со истиот модус-операнди да се мамат граѓани во Македонија.
Евидентно е дека се работи за поширока „операција“ што на сличен начин како измамите со сообраќајките, ги остава без пари лековерните граѓани.
Така пред 2 дена во СВР Штип, 77-годишна жена од Штип пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 700.000 денари.
Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ја известило дека нејзината сестра била во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки. Како што е пријавено, лицето ѝ ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однела на договореното место. Исто така, според пријавеното, подоцна во нејзиниот дом дошла нејзината внука и заедно ја контакриле нејзината сестра, при што сфатила дека била измамена“ соопшти МВР.
Вчера пак седумдесет и седумгодишен жител на Виница бил измамен за сума од 7.000 евра од лице кое се претставило како лекар, соопшти МВР.



