Царината спречи шверц на над 5.000 штеки цигари на граничниот премин Ново село
Секторот за контрола и истраги при Царинската управа откри и спречи обид за шверц на 104 пакети цигари, со вкупна количина од 5.200 штеки. Заплената е извршена на граничниот премин Ново село, каде камион пријавен како празен бил селектиран за детален преглед.
При контролата, инспекторите од Одделението за оперативни работи пронашле специјално изработен бункер со преграда во предниот дел на полуприколката – ладилник, во кој биле сокриени цигарите. Против возачот, кој е српски државјанин, е поднесена кривична пријава, а истрагата ја водат инспекторите од Одделението за истраги.
За случајот зборуваше и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во гостување во главниот Дневник на МРТВ. Тој истакна дека борбата со царински измами и спречувањето на шверцот на тутун и тутунски производи е една од клучните обврски нотирани и во извештајот на Европската комисија.
Според податоците што ги презентираше Николовски, заклучно со 30 ноември годинава, Царинската управа наплатила 15,3 милијарди денари по основ на увоз на тутун и тутунски производи, што е зголемување за 10 проценти во однос на истиот период лани.
Кумулативната наплата на царински приходи до крајот на ноември изнесува 1,95 милијарди евра, или 86,9 милиони евра повеќе од минатата година, што претставува раст од 4,7 проценти. Зголемување е забележано кај сите категории: царина (15,1 %), ДДВ при увоз (3,2 %), ДМВ (10,9 %) и акциза (4,6 %).
Високата наплата на приходи, како и ефикасноста во контролата, беа нотирани и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата.



