Македонија

Стразбур ја прифати жалбата на Јанкулоска за „Тенк“: „Во предметот постојат сериозни индиции за можни прекршувања на правото на фер судење“

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отвори постапка по жалбата на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во предметот „Тенк“, со кој таа беше осудена на четири години затвор за набавката на блиндираниот „мерцедес“ за државни потреби. Судот ќе утврдува дали во домашната постапка биле нарушени нејзините права на фер судење. објави Скопје1.мк

Јанкулоска преку објава на социјалните мрежи ја потврди информацијата, наведувајќи дека Стразбур признал „сериозни прашања“ во врска со документарните повреди на процесните права во нејзиниот случај. Таа оцени дека ова за неа претставува „мала лична сатисфакција“ по пет години од поднесувањето на апликацијата.

Според дел од медиумите, еден од клучните аспекти што ги разгледува ЕСЧП е употребата на прислушуваните разговори како доказ. Одбраната тврди дека таа немала можност да ја оспори нивната автентичност ниту пристап до целосната документација, што ја нарушило рамноправноста на странките. Дополнително, Судот ја анализира и улогата на судијката Добрила Кацарска, чија претходна комуникација и јавни изјави, според жалбата, можеле да создадат впечаток на предвремено определување.

Во жалбата се наведуваат и други неправилности – од неучество на еден поротник во советувањето, до замената на двајца судии во Врховниот суд без образложение, пренесува „Дојче веле“.

Јанкулоска во објавата оцени дека прашањата на Стразбур се доказ дека во постапката, како што тврди, биле вклучени „инсталации на претходната власт во правосудството“, кои ги нарече „најмоќната алатка“ за политички цели. Таа додаде дека очекува ова конечно да биде порака до „оние со 2% доверба“ дека судиите не смеат да служат на ничии интереси.

Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја одлуката на ЕСЧП, рече дека отворањето на постапката претставува уште една потврда за длабоките проблеми во македонското судство.

„Јасно е наведено дека имаат забелешки на процесот и отвораат предмет за да утврдат дали имало повреда на човекови права“, изјави тој. Мицкоски повтори дека подолго време говори за „малубројни судии, партиски октроирани од претходната власт“, кои, според него, донесувале политички мотивирани пресуди.

Премиерот ја спомена и судијката која го водеше предметот „Тенк“, оценувајќи дека денес таа е на висока функција и „продолжува да носи политички одлуки“, меѓу кои ја спомена и актуелната иницијатива поврзана со пензискиот модел.

„За жал, сите мораме да црвенееме пред Стразбур поради малкумина судии и обвинители кои го контаминираат системот“, додаде Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons