Свет

Бајден: Подготвени сме да употребиме сила за да го одбраниме Тајван

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека е подготвен да употреби воена сила за да го одбрани Тајван и дека Соединетите Држави и другите нации ќе се погрижат Кина да не може насилно да го присвои Тајван. Тој предупреди дека „Кина кокетира со опасноста”.

На прес-конференција, која ја одржа со јапонскиот премиер Фуми Кишида за време на посетата на Токио, Бајден посочи дека е подготвен да оди чекор подалеку за да ја гарантира безбедноста на Тајван отколку што тоа го направи во случајот со Украина, пишува Њујорк тајмс.

На прашањето дали САД се подготвени да му обезбедат воена одбрана на Тајван, Бајден одговори потврдно.

„Се обврзавме на тоа“, додаде тој.

Кина го смета демократски Тајван за своја територија и никогаш не се откажа од можноста да употреби сила за да ја врати контролата над него. САД, како и повеќето земји, немаат официјални дипломатски односи со Тајван, но се нивни најважен сојузник и снабдувач со оружје, што е постојан извор на судири со Пекинг.

„Се согласивме со политиката на една Кина, тоа го потпишавме, но идејата дека Тајван може да биде преземен насилно е едноставно неприфатлива“, нагласи тој.

Кинезите „кокетираат со опасноста во моментов со сите маневри што ги преземаат“, рече Бајден.

Кишида рече дека Јапонија и САД ќе ги следат активностите на кинеската морнарица, како и движењата поврзани со заедничките вежби на Кина и Русија.

„Силно се спротивставуваме на обидот со сила да се промени статус кво состојбата во Источното Кинеско и Јужното Кинеско Море“, рече Кишида.

„Покрај тоа, се договоривме да работиме заедно на различни прашања поврзани со Кина, вклучително и човековите права“, додаде тој.

Што се однесува до Русија, Бајден смета дека земјата треба „да плати долгорочна цена“ поради своето „варварство во Украина“, во смисла на санкциите што ѝ ги воведоа САД и сојузниците.

„Не се работи само за Украина“, рече Бајден. Затоа што ако „санкциите во многу аспекти не се одржат, каков сигнал би ѝ се испратил на Кина за цената на обидот да се заземе Тајван со сила?“

Велејќи дека се надева дека нема да има инвазија, Бајден сепак истакна дека тоа ќе зависи од силата со која светот ќе ѝ даде до знаење на Кина која цена ќе ја плати во случај на инвазија.

За време на посетата на Јапонија, американскиот претседател најави и започнување на ново економско партнерство во Азија-Пацификот со 13 земји-учеснички, вклучувајќи ги САД и Јапонија, но со исклучок на Кина, која не гледа позитивно на проектот.

Индо-пацифичката економска рамка (ИПЕФ) не е договор за слободна трговија, туку предвидува поголема интеграција меѓу земјите-учеснички во четири клучни области: дигитална економија, синџири на снабдување, зелена енергија и борба против корупцијата.

На Вашингтон му недостига економски столб во нивниот индо-пацифички ангажман откако поранешниот претседател Доналд Трамп го напушти мултинационалниот трговски договор, што на Кина ѝ остави слободен простор да го прошири своето влијание.

Договорот треба да ги вклучи САД, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, Индија, Индонезија, Брунеи, Јужна Кореја, Малезија, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам, соопштија американските власти.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons