Свет

Масовно киднапирање во Нигерија: 52 ученици одведени од католичко училиште

Вооружена група киднапирала 52 ученици од католичкото училиште Света Марија во Нигерија, објави денес локалната телевизиска станица Арајз њуз. Киднапирањето се случило во сојузната држава Нигер, бројот на киднапирани ученици сè уште се проверува.

„Владата на државата Нигер со длабока тага ја прими вознемирувачката вест за киднапирањето на учениците од училиштето Света Марија“, се вели во соопштението, додавајќи дека безбедносните агенции трагаат по учениците.

Нигерија е сведок на серија напади на вооружени напаѓачи, вклучувајќи киднапирање на 25 ученици од католички интернат во сојузната држава Кеби во понеделник. Нападите укажуваат на сè поголема несигурност во таа западноафриканска земја, поради последниот напад на католичкото училиште претседателот Бола Тинубу беше принуден да ги одложи патувањата во странство.

Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на октомври изјави дека „христијаните во Нигерија се соочуваат со егзистенцијална закана“ и навести за можно распоредување војници или воздушни напади. Според Дојче Веле, сенаторот Тед Круз напиша на Икс дека нигериските власти ги игнорираат и овозможуваат „масовни убиства на христијани од страна на исламистички џихадисти“.

Претседателот Тинубу ги отфрла тие тврдења, велејќи дека „карактеризацијата на Нигерија како верски нетолерантна земја не ја одразува нашата национална реалност“.

Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, во изминатите 15 години, цивилите во Нигерија се соочуваат со повеќекратни безбедносни закани и ризици од злосторства поради напади, киднапирања и изнуда од разни вооружени групи, особено радикални исламистички групи како што се Боко Харам и Исламска држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons