Макпетрол е најтрофеен карате-клуб на Балканските шампионати
Хрватскиот град Риека неодамна беше домаќин на Балканското првенство, на кое што Данило Божовиќ од „Макпетрол“ освои два медала – злато и сребро. На шампионатот за кадети, јуниори и постари јуниори (У21) учествуваа 13 држави со 1,390 пријавени спортисти. Овој успех на Божовиќ уште еднаш ја потврди доминацијата на скопскиот клуб на најквалитетните натпреварувања на балканскиот регион.
Успешноста што во континуитет ја постигнува овој спортски колектив изминативе години е доказ дека „Макпетрол“ е најтрофеен и најуспешен клуб на Балканските првенства во периодот од 1999 до 2025 година. Балканската карате федерација е составена од 13 држави и на првенствата што таа ги организира имаат право да учествуваат само првите четири спортисти во тежинска категорија од секоја земја. Во наведениот период, „Макпетрол“ има освоено вкупно 209 медали, од кои 41 златна, 64 сребрени и 104 бронзени.
Сите освоени медали носат своја тежина и вредност, но сениорските се највредни и најтешки за освојување, затоа тие имаат и највисок рејтинг. Клубовите кои имаат сениорски тимови се највисоко рангирани клубови во државата. Бројот на освоени медали вo категорија – сениори го дава точно утврдениот ранг за успешноста на клубот во наведениот временски период. Во сениорските категории во машка и во женска конкуренција, членовите на „Макпетрол“ имаат освоено вкупно 37 одличја, од кои четири златни, 14 сребрени и 19 бронзени.
Голем број од медалите на „Макпетрол“ се во највозрасните категории на сениори и на постари јуниори од 18-21 година (У21). И покрај огромната конкуренција, претставниците на скопскиот клуб имаат освоено вкупно 86 медали. Возрасните групи на јуниори и на кадети, пак, освоиле вкупно 117 (сто и седумнаесет) медали. Сето ова уште еднаш потврдува дека карате клубот „Макпетрол“ е историски најуспешниот спортски колектив кој константно придонесувал за успешноста и развојот на карате спортот во Македонија.





