МакедонијаНајново

Деновиве 60 автобуси на ЈСП се враќаат на скопските улици

Новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави брзо нормализирање на јавниот градски превоз, со цел да се стави крај на голготата на граѓаните. Тој очекува околу 60 автобуси на ЈСП Скопје деновиве да се вратат во функција.

Ѓорѓиевски ја критикуваше работата на досегашното раководство на ЈСП, велејќи дека нивниот капацитет е деструктивен за претпријатието.

„Веќе разговараме со дел од стручните служби на ЈСП Скопје, што не го опфаќа директорот и раководството за кои во изминатиов период видовме дека нивниот капацитет како да не постои односно, дека е деструктивен за претпријатието и за јавноста. Ќе бидат итно преземени чекори во насока на адаптирање на сите автобуси кои со месеци стојат неисправни“, рече Ѓорѓиевски по примањето на уверението за градоначалник.

Тој најави и итна средба со приватните превозници за да се договори начинот на работа во претстојната зима.

„Веќе утре ќе имам состанок со сите приватни авто-превозници и околу 60-тина автобуси ќе бидат пуштени во оптек. Тоа во првиот момент ќе го нормализира транспортот за да не дозволиме, оти доаѓа зима, студентите, средношколците, граѓаните и повозрасните лица да чекаат на ред за автобусите и да ја поминуваат голготата што беше во изминатиот период“, додаде тој.

Ѓорѓиевски најави и брза ревизија на работењето на сите јавни градски претпријатија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons