Смртоносен напад на ајкула на популарна плажа во Сиднеј
Еден човек загина во напад на ајкула додека сурфал на брегот на Сиднеј, соопшти денеска австралиската полиција, пренесува Би-би-си.
Во официјалното соопштение се наведува дека службите за итни случаи извлекле маж од морето на плажата Лонг Риф, но за жал, „тој починал на местото на настанот“. „Две парчиња даска за сурфање се пронајдени и однесени на форензичко испитување“, додаде полицијата.
Голем број плажи во популарната област позната како Северни плажи се затворени поради инцидентот што се случи утрово. Полицијата соопшти дека службите за итни случаи одговориле на повик веднаш по 10 часот по локално време, пријавувајќи „маж се здобил со критични повреди“.
Идентитетот на жртвата сè уште не е официјално потврден. Локалните полицајци работат со експерти за да го „одредат типот на ајкулата“ одговорна за нападот.
Последниот смртоносен напад на ајкула во областа Сиднеј е забележан во 2022 година, кога британскиот инструктор за нуркање Сајмон Нелист беше нападнат од голема бела ајкула. Пред тој инцидент, напад со фатален исход не бил регистриран од 1963 година.
Австралија бележи околу 20 напади од ајкули годишно, најчесто во Нов Јужен Велс и Западна Австралија. Сепак, историски гледано, смртните случаи биле ретки. Во текот на повеќе од сто години статистика, стапката на смртност од напади од ајкули во Австралија е 0,9 – што е помалку од едно лице годишно.