УЈП: Третина од контролираните фирми се обидуваат да ја избегнат фискализацијата
Од 11 до 27 август инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) спроведоа 243 теренски контроли за фискализација на ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало. Кај 37,4% односно 91 од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет.
Контролите беа реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. За утврдените неправилности донесени се 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
Во Скопје извршени се 31 контроли, а утврдени се 13 неправилности. Во Битола, Охрид, Струга, Демир Хисар и Ресен извршени се 67 контроли, а утврдени се 12 неправилности, од кои по една во Битола, Демир Хисар и Охрид, шест во Струга и три во Ресен.
Во Прилеп, Кавадарци, Велес и Кривогаштани извршени се 42 контроли, a утврдени се 12 неправилности. Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 44 контроли, а утврдени се 29 неправилности, од кои 17 во Тетово, девет во Гостивар и три во Дебар.
Во Куманово и Крива Паланка извршени се 16 контроли, а утврдени се две неправилности, од кои во Куманово не се утврдени неправилности, а две неправилности се утврдени во Крива Паланка.
Во Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Василево, Пехчево и Берово извршени се 43 контроли, а утврдени се 23 неправилности, од кои 12 во Струмица, три во Дојран, четири во Гевгелија, Богданци без неправилности, по една во Василево и Пехчево и две во Берово.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување, соопшти УЈП.