Повредата го загрозува настапот на Ѓоковиќ против Синер
Новак Ѓоковиќ ја откажа својата планирана тренинг-сесија денес на Вимблдон, само еден ден пред полуфиналниот дуел против светскиот број 1, Јаник Синер.
Седумкратниот шампион требаше да тренира на терените во Аоранги парк од 13 до 15 часот по британско време, но Одборот на Вимблдон потврди дека сесијата е откажана. Одлуката доаѓа поради „незгодниот“ пад што Ѓоковиќ го доживеа во последниот гем од четвртфиналниот меч против Флавио Коболи.
Неговиот противник, Јаник Синер, исто така падна во четвртото коло против Григор Димитров, но се опорави и го совлада Бен Шелтон во четвртфиналето. Синер има водство од 5-4 во меѓусебните дуели со Ѓоковиќ и се бори за својата прва титула на Вимблдон.
Ѓоковиќ, пак, се стреми кон рекордно израмнување со Роџер Федерер со осма титула на Вимблдон.