ЦИЕС: Македонија е 49. извозник на фудбалери во светот
Статистиката на швајцарската институција вели дека во периодот од 2020 до 2025 година 182 фудбалери од нашава земја играле во странски првенства за своите тамошни клубови. Од регионов, поголем извоз на фудбалери во тој период оствариле Србија, Хрватска, БиХ, Словенија, Црна Гора… Полошо од нас стојат Бугарија, Албанија, Турција..
Според истражувањето на таканаречената Фудбалска опсерваторија на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС), Македонија е 49. извозник на фудбалери во светот.
На листата на 100 земји најголеми извозници на фудбалери, според оваа установа, Македонија е на 49. место според податоците собрани во периодот од 2020 до 2025 година. Во тој период 182 фудбалери од нашава земја играле во странски првенства за своите тамошни клубови.
Оваа швајцарска установа главно се занимава со обработка на статистички податоци од фудбалот. Според информаците пласирани од таа организација, трендот на извоз од Македонија кон светот е во пад за 10 отсто, анализирајќи од година во година во текот на споменатиот период.
Србија и Хрватска водат во регионов
Кога во прашање се статистички анализи, правењето споредби е најинтересно. Па така Македонија споредена со регионов не стои многу добро.
Србија и Хрватска се убедливо најмоќни извозници на фудбалери од нашиов регион. На светската топ-листа на 100 најголеми извозници, Србија е на деветтото место во периодот 2020-2025. Во тој период 915 српски фудбалери играле надвор од таа земја.
Хрватска е едно место подолу од својот сосед, со 855 хрватски интернационалци. Зад овие две земји се некои моќни фудбалски нации како Холандија (11. место), Португалија (12. место), Белгија (15. место)…
Босна и Херцеговина е на 25. место на оваа топ-100 листа, со 382 фудбалери кои играле во странство во споменатиот период. БиХ е само едно место под моќната фудбалска нација Италија (413 интернационалци).
Подобри и послаби
Од регионов Грција е на 33. место со 319 интернационалци, Словенија е на 39. место (254), Романија е 45. светски извозник (197), Црна Гора е веднаш под неа (196). Унгарија е на 48. место (186), односно само едно место над нашата земја.
Некои наши соседи се послаби на ова поле од Македонија. Бугарија е на 58. место (123 интернационалци), односно две места над Албанија (117). Косово е на 63. место со 101. фудбалер кој игра во странство, а Турција на 67. место (80)…
Бразил е убедлив светски број еден
Бразил е очекувано извозник број еден на листата на 100 земји кои извезле најголем број фудбалери во 135 лиги низ целиот свет помеѓу 2020 и 2025 година. Со 3.020 интернационалци, Бразил е пред последните два светски прваци Франција (2.293) и Аргентина (2.171). Во првите десет се и Англија (1.510), Шпанија (1.106), Германија (1.095), Колумбија (1.077), Нигерија (926), Србија (915), Хрватска (855).
Најголем пораст помеѓу 2020 и 2025 година во апсолутна смисла е забележан за Франција (+372 интернационалци), следена од Аргентина (+216) и Нигерија (+181).