Голема студија: Подводното рударство го загрозува опстанокот на жителите на морското дно
Рударството на големи длабочини може да влијае на морскиот живот, од најситните жители на дното до врвните предатори како што се сабјарките и ајкулите, покажа денес истражување финансирано од индустријата. „Металс компани“, водечка компанија за длабокоморско рударство, ѝ плати на една австралиска владина научна агенција да ги проучи податоците собрани за време на пробна рударска операција во Тихи Океан.
Огромни делови од дното на Тихи Океан се покриени со полиметални нодули, грутчести карпи богати со метали што се користат во производството на батерии, како што се кобалт и никел. „Металс“ сака да биде првата што ќе ги рудари овие нодули во меѓународните води, обидувајќи се да ја искористи оддалечената област позната како зона Кларион-Клипертон.
Научната агенција на австралиската влада денес објави серија технички извештаи во кои се детално опишани начините на управување со рударството. Истражувањето откри дека жителите на дното, како што се морските краставици, морските црви, морски ѕвезди и ракови, би можеле да доживеат „значително намалување на популацијата веднаш по рударството“.
Некои од овие видови делумно би закрепнале во рок од една година, но организмите што се хранат со филтрирање на морето и другите ситни организми што се хранат со седименти од морското дно покажале „минимално закрепнување“. „Нашето истражување покажува дека постојат значителни локални влијанија врз морското дно од различни рударски операции“, рече научникот Пирс Данстан.
Компаниите за рударство во длабоко море сè уште се обидуваат да го пронајдат најдобриот начин за извлекување на нодулите, кои можат да се лоцираат на минимална длабочина од пет километри. Поголем дел од напорите се фокусирани на роботски машини што ги вшмукуваат нодулите додека се движат по океанското дно.
Австралиските научници проучувале како облакот од седимент ослободен како рударски отпад може да им наштети на ајкулите и рибите. Во некои сценарија, предаторите би можеле да акумулираат токсични метали во нивната крв по продолжено изложување на овие пареи.
„Долговечните врвни предатори, како што се сабјарките и големите ајкули, акумулирале највисоки концентрации на метали, според симулацијата“, напишаа научниците во извештајот.
Симулациите покажале дека концентрациите на метали во крвта нема да ги надминат меѓународните здравствени упатства, а влијанијата би биле помалку изразени доколку седиментот се испушта на поголема длабочина. „Овој проект помага да се обезбеди дека доколку се преземе длабокоморско рударство, постои јасен пристап кон разбирање на потенцијалните ризици и влијанија врз морскиот живот и екосистемите“, рече Данстан.
Меѓународната управа за морското дно, која го надгледува длабокоморското рударство во меѓународни води, сè уште не ги усвоил долгоочекуваните правила за регулирање на индустријата.
Компанијата Металс компани, со седиште во Канада, планира да го започне проектот во следните две години и посочи дека би можела да продолжи дури и без одобрение од владата, наведувајќи нејасен американски закон што им дозволува на граѓаните на САД да копаат минерали од морското дно во области надвор од националната јурисдикција.
„Една од најсеопфатните студии за длабокоморско рударство“
Компанијата ѝ платила на Организацијата за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот (ЦСИРО) на Австралија околу 1 милион долари за да го изработи извештајот. ЦСИРО нагласи дека ниту е за ниту е против длабокоморското рударство и дека неговата работа ќе помогне во мерењето и следењето на влијанијата доколку се продолжи.
Експертката за енергетска транзиција Тина Солиман-Хантер рече дека ова е една од „најсеопфатните“ студии за длабокоморското рударство. „Без вакви студии, постои ризик од штета од рударските активности што би можела да трае со генерации“, рече Солиман-Хантер, од австралискиот Универзитет Маквари.
Сместена во меѓународни води помеѓу Мексико и Хаваи, зоната Кларион-Клипертон е бездна што опфаќа околу четири милиони квадратни километри.