Во земјава има поголем број осигуреници на здравствено осигурување од бројот на жители
Вкупниот број на осигуреници на здравствено осигурување е над еден милион и 820 илјади осигуреници што е повеќе од бројот на жители според последниот Попис. Фондот за здравствено осигурување веќе има иницирано формирање на интерсекторска работна група со цел да се утврди точниот број на здравствени осигуреници.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашко Клековски, меѓу нив најверојатно има македонски државјани кои живеат во странство, а кои не се одјавиле од земјава и продолжуваат да користат здравствено осигурување, но не ја исклучува можноста дека има и лажни осигуреници.
– Над половина од здравствените осигуреници се по други основи, а не по основ на плата и на осигурени деца. Покренавме иницијатива пред Влада да се преиспитаат критериумите. Тоа е интерсекторска работа која ќе потрае бидејќи имаме помалку жители од тоа што во моментот имаме здравствени осигуреници, истакна Клековски во изјава за медиумите.