Македонија

Во Развојна банка на Македонија просечната плата достигна 1.000 евра 

Просечната нето плата во Развојната банка на Македонија, каде што државата поседува стоотсто од акциите, во текот на минатата година достигнала точно 1.000 евра. Ова може да се види во извештаите на банката која посредува помеѓу меѓународните финансиски институции и домашните деловни банки во поволното кредитирање на малите, средните и големите бизниси.

На крајот од минатата година Развојна банка имала 60 вработени, а трошокот за плати за една година во 2024 се зголемил за 12,3 отсто, односно од околу 1,06 милиони на 1,2 милиони евра. За нето плати биле поделени околу 740 илјади евра.

Помеѓу членовите на надзорниот и управниот одбор, како и тој за ревизија и на членовите со посебни права и одговорности биле поделени околу 410 илјади евра за бруто – плата, надоместоци, бонус, членство, осигурувања и други права.

Развојна банка најмногу ги користела кредитите од Европската инвестициска банка за пренасочување кон домашните бизниси, а од минатата година за прв пат имало пласирани заеми од француската развојна агенција АФД.

Од ЕИБ биле понудени 100 милиони евра, а од АФД кредитната линија изнесувала 50 милиони евра, при што биле повлечени неколку транши. Кредити се делеле и од посебен земјоделски кредитен фонд со 62 милиони евра, креиран од пари од меѓународните кредитори, но и од сопствени средства на Развојна банка.

Развојна банка веќе соопшти дека добивката на годишно ниво е зголемена за 64 отсто и изнесува околу 2,4 милиони евра во 2024 година.  Нето приходите од камати се зголемиле за 20 проценти во текот на минатата година, а од провизии се намалиле за 7,4 отсто. Нејзината вкупна актива изнесувала 18,6 милијарди денари на крајот од 2024 година, во споредба со 18,5 милијарди денари на крајот од 2023 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons