Свет

Земјотрес со јачина од 6,1 степени ја погоди Грција 

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран околу два часот во морското подрачје, на 20 километри југозападно од островот Касос, источно од Крит, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од 64,4 километри, пренесе Катимерини.

Земјотресот бил почувствуван во близина на Крит, на островите Родос и Кос, како и во некои делови на Турција, а како мерка на претпазливост е издадено предупредување за цунами.

Засега нема информации за повредени или за сериозна материјална штета. Претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП) и професор по геологија Ефимиос Лекас рече дека длабочината од 60 километри е клучна карактеристика на овој земјотрес, бидејќи го намалил интензитетот на површината.

Според првичните описи од жителите, не се забележани значителни ефекти од земјотресот.

Лекас нагласи дека ваквите земјотреси на таа длабочина најчесто се случуваат како изолирани настани, без изразена пред- или постсеизмичка активност.

Тој додаде дека земјотресот се случил на „Грчкиот лак“, местото на судирот на европската и африканската тектонска плоча.

Коментирајќи ги можните врски со неодамнешните земјотреси во Санторини и Турција, Лекас истакна дека нема никаква поврзаност, бидејќи геотектонските услови се различни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons