Магазин

Брзото одење може да влијае на намалување на ризикот од неправилен срцев ритам

Брзото одење е едноставен и корисен облик на вежбање кој тешко може да се надмине, а ново истражување покажува дека брзите прошетки може да го намалат ризикот од развој на проблеми со срцевиот ритам. Брзината на одење прави значајна разлика во работата на срцето, откри истражувањето спроведено од тим од Универзитетот во Глазгов, Велика Британија, објавено во списанието „Харт“, а пренесува „Е-клиника“.

Брзото одење влијае на три важни аномалии на срцевиот ритам

Во споредба со бавните шетачи (помалку од 5 км/ч), оние со просечно темпо (5 до 6 км/ч) имале 35 отсто помала веројатност да развијат аномалии на срцев ритам во текот на медијанско следење кое траело 13,7 години. Кај брзите шетачи (повеќе од 6 км/ч) ризикот бил намален за 43% во споредба со бавните.

Регистрираните срцеви аномалии во истражувањето вклучувале атријална фибрилација (неправилен ритам), тахикардија (забрзан ритам) и брадикардија (многу бавен ритам).

„Ова е прво истражување кое ги проучува механизмите зад врската помеѓу темпото на одење и аритмиите и дава докази дека метаболичките и воспалителните фактори играат значајна улога во тој процес“, вели Џил Пел, истражувач по јавно здравје на Универзитетот во Глазгов.

Брзото одење го намалува и ризикот од дебелина и воспаленија

Истражувачите собралe податоци од UK Biobank за типичната брзина на одење на 420.925 возрасни лица на средна возраст, со попрецизно мерење на темпото кај 81.956 учесници. Споредено, оние што најмногу време поминувале во одење со просечно или брзо темпо имале до 27% помал вкупен ризик – во споредба со оние што најмалку се движеле.

Земајќи ги предвид и други фактори кои се поврзуваат со срцеви нарушувања, научниците посочуваат дека околу една третина од врската помеѓу темпото на одење и ризикот од аритмии се должи на влијанието на одењето врз метаболичките и воспалителните процеси во телото – вклучително и на крвниот притисок и телесната тежина.

„Брзото одење го намали ризикот од дебелина и воспаленија, што пак го намали и ризикот од аритмии“, истакнува Пел.

Најголем ефект кај жените

Иако ваквите опсервациски студии не можат директно да докажат причинско-последична врска, групирањето на популацијата според изложеност (како темпо на одење) и мерењето на различни исходи (како аритмии) низ време е корисна алатка за предвидувања базирани на докази.

Истражувањето исто така истакнува силна врска помеѓу брзината на одење, која го тера телото да работи повеќе, и подобра заштита на кардиоваскуларното здравје.

„Ова откритие е биолошки веројатно, бидејќи претходни епидемиолошки студии покажаа дека темпото на одење е обратно поврзано со метаболички фактори“, објаснува Пел и додава дека најголемата разлика ја направило брзото одење кај жените, особено оние под 60 години, со висок притисок, кои не се класифицирани како дебели и имаат две или повеќе постоечки здравствени состојби.

Научниците велат дека денес има доволно докази за тоа како одењето може значително да го подобри здравјето. Кратките паузи при одење изгледа се корисни, но побрзото темпо изгледа дека го забавува и биолошкото стареење. Затоа, следниот пат кога ќе се прошетате, вреди да проверите дали можете малку да ги забрзате чекорите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons