Политика

Мицкоски: Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски 

„Јас се чувствувам како Македонец и сакам да бидам таков“, напиша Крсте Петков Мисирков.

„Јазикот е нашата татковина“, ни остави како завет Блаже Конески.

Овие реченици не се случајни.

Тие се крвта што тече низ телото на една нација која знае што е, што сака и што сонува.

Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик.

Тоа беше повеќе од административен чин.

Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност.

Оваа кодификација не произлезе преку ноќ.

Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели…

Секој од нив вложи збор, мисла, срце…

Македонскиот јазик во првата половина на 19 век се поклопува со просветителството, односно со погледите за јазикот на: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски.

Нивни продолжувачи се учебникарите, кои го поставуваат прашањето за литературен македонски јазик: Ѓорѓија Пулевски, Партениј Зографски, Шапкарев и Џинот. Сите овие луѓе се грамадни големини кои ги поставуваат темелите на нашето идентитетско обележје, нашиот јазик.

Во 1945 година, вековниот, повторувам вековниот македонскиот јазик стана официјален.

И од тој момент почна неговата институционална, културна и меѓународна изградба.

Денес, македонскиот јазик живее не само во Скопје, Битола, Штип, Охрид или Струмица.

Тој живее и во Торонто, во Мелбурн, во Виена, во Чикаго и во Берн.

Македонскиот јазик живее во мислата на секој Македонец каде и да е.

Живее во децата кои го учат од бабите и дедовците, во македонските училишта во дијаспората, во катедрите за македонски јазик и книжевност на универзитетите во Европа и светот.

И токму тие луѓе, оние што се далеку, но чуваат јазик, заслужуваат голема почит.

Да им се обратам токму ним:

Драги наши Македонци,

Продолжете да го пренесувате јазикот и на вашите поколенија.

Продолжете да го зборувате, да го пишувате, да го сакате …

Вашиот труд е нераскинлив дел од нашето национално ткиво.

Вашето „добро утро“ во Торонто и „добра ноќ“ во Перт имаат исто значење како и тука, во Македонија.

Ние ве гледаме, ве слушаме и ви благодариме.

Почитувани,

Јазикот не е нешто што се чува во витрина.

Тој мора да се говори, да се создава, да се развива.

Затоа токму младите генерации се најголемата надеж.

Наша обврска е да им овозможиме соодветно образование, современи наставни материјали, јазични платформи и средини кои ќе ги поттикнуваат да го изучуваат, сакаат и негуваат македонскиот јазик.

Македонскиот јазик треба да биде дел од секојдневието, но и дел од иднината.

И пред да продолжам дозволете да испратам порака за важноста за зачувување на јазикот.

Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разноразни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен, ќе повторам многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и нашата заедничка татковина.

И тука не смееме, и не сме сами.

Дозволете ми во оваа прилика да изразам почит и благодарност до сите институции и поединци кои го посветиле својот живот на македонскиот јазик:

До Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кој речиси осум децении ја носи улогата на јазичен стражар и научен столб на нашиот јазик.

До Македонската академија на науките и уметностите, чии проекти, речници, правописни норми и стручни трудови се незаменливи.

До Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и сите универзитетски катедри за македонски јазик – генератори на знаење и гордост.

До Министерството за образование и наставниците што го пренесуваат јазикот на новите генерации, исправен, богат, достоинствен.

До издавачите, поетите, преведувачите, медиумите, кои му даваат живот на јазикот во сите негови облици.

Драги пријатели

Владата ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација.

Да поддржува издавачи, медиуми, писатели и наставници.

Да ги зајакнува институциите како Институтот „Крсте Мисирков“ и катедрите во земјата, но и странство.

Да вложува во програми за изучување и промоција на јазикот преку нови технологии и меѓународна соработка.

Да им овозможи на младите нови форми за изразување преку јазикот, и во книжевноста и во јавниот живот.

Почитувани пријатели,

Македонскиот јазик не е само минато.

Тој е мост до иднината.

Затоа, овој јубилеј нека не биде само момент на сеќавање, туку и миг на будење.

Миг кога повторно си кажуваме – „ова е наше, ова е вредно, ова е вечно“.

Нека живее македонскиот јазик!

Нека ни е честита 80-годишнината од неговата кодификација!“

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons