Магазин

Научниците пронајдоа досега најсилни докази за вонземски живот на далечна планета 

Научниците од Универзитетот во Кембриџ во Велика Британија открија нови, иако сè уште неизвесни докази кои би можеле да укажат на постоење на живот на егзопланетата К2-18б, свет на околу 1,1 трилиони километри од Земјата.

Користејќи го вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА, истражувачите забележаа во атмосферата на планетата траги од молекули кои се произведуваат исклучиво биолошки на Земјата. Поточно, на нашата планета тие се произведуваат исклучиво од едноставни микроорганизми.

Ова е второ и досега најперспективно откривање на супстанции поврзани со животот на планетата именувана „К2-18б“. Но, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе податоци за конечна потврда.

Тим од Универзитетот во Кембриџ ја анализираше светлината што минува низ атмосферата на планетата додека орбитира околу нејзината мала црвена ѕвезда. Во таа анализа, откриени се хемиски траги од најмалку една од двете молекули поврзани со животот: диметил сулфид (ДМС) и диметил дисулфид (ДМДС). На Земјата, овие гасови се произведени од морски фитопланктон и бактерии.

„Количината на овој гас што ја проценуваме во атмосферата на планетата е илјадници пати поголема отколку на Земјата. Ако оваа врска со животот е реална, тогаш оваа планета би можела да преполни со живот“, рекол шефот на истражувањето, проф. Нику Мадусудан.

Според него, откривањето на оваа скала при едно набљудување било изненадувачко.

„Ова е досега најсилниот показател дека можеби не сме сами. Реално, би можеле да го потврдиме сигналот во рок од една до две години“, додал тој.

И покрај возбудата, Мадхусудан и колегите признаваат дека ова е само почеток. Сегашната веродостојност на податоците е околу 99,7 процфенти, што научниците го нарекуваат три сигма, но за да се тврди откритие, потребна е прецизност од пет сигма (99,99999 проценти).

Пред 18 месеци сигналот беше уште послаб, само една сигма (68 проценти), а потоа резултатите беа дочекани со скептицизам. Но, дури и ако достигнат пет сигма, тоа не значи дека навистина го пронашле животот.

„Дури и со таква сигурност, прашањето за потеклото на овој гас сè уште останува. На Земјата го произведуваат микроорганизми, но во вселената може да се случат многу чудни геолошки процеси кои не ги разбираме целосно“, предупредила проф. Кетрин Хејманс, шкотски астроном и независен експерт.

Тимот од Кембриџ сега соработува со други лаборатории за да тестира дали ДМС и ДМДС може да се произведуваат на начин кој не вклучува живот.

Освен за молекулите, научниците дебатираат и за составот на самата планета „К2-18б“. Некои веруваат дека планетата има огромен течен океан, што би ја поддржало хипотезата за живот, особено поради отсуството на амонијак во атмосферата, кој водата може да го апсорбира.

Но, други, како проф. Оливер Шортл од Кембриџ, тврдат дека тоа може да биде и океан од стопена карпа, што ја исклучува можноста за живот.

Има и толкувања кои ја опишуваат „K2-18b“ како мини гасен џин без цврста површина, како моделот на д-р Николас Воган од Ејмс центарот на НАСА. Но, дури и таа теорија не е универзално прифатена, бидејќи не ги објаснува сите податоци собрани од телескопот Џејмс Веб.

И покрај сите непознати, Мадхусудан останува оптимист.

„Можеби за неколку децении ќе погледнеме наназад на овој момент и ќе го препознаеме како пресвртница, кога живиот универзум стана на дофат. Ова може да биде моментот кога одеднаш ќе станеме способни да одговориме на основното прашање: дали сме сами во универзумот?“, заклучил Мадхусудан

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons