Трамп наложи повторно да се отвори затворот Алкатраз
Претседателот на Соединетите Американски Држави кажа дека ѝ наложил на владата повторно да го отвори и да го прошири Алкатраз, озлогласениот затвор кој се наоѓаше на остров кај Сан Франциско во Калифорнија, а затворен е повеќе од 60 години.
Во пост на својата социјална мрежа Трут соушал, Трамп синоќа напиша дека дава упатства повторно да се отвори и значително да се прошири и обнови Алкатраз, за да може да ги прими „најнасилните и најбезмилосни престапници“.
Тој напиша дека предолго по Америка пустошеле „злонамерни и насилни кривични престапници“ кои, како што наведе, никогаш нема да донесат ништо повеќе освен јад и патење.
„кога бевме сериозна нација во минатото не се колебавме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме далеку од кого било кому би можеле да му наштетат. Така треба да биде“, напиша Трамп.
Неговата директива да се обнови и повторно да се отвори долго затворениот затвор е најновиот во низата обиди да се измени како и каде се држат сојузните затвореници и затворените мигранти.
Тој потфат веројатно би бил скап и голем предизвика, оценува Асошиејтед прес.
Затворот бил затворен во 1963 година поради распаднатата инфраструктура и високите трошоци за поправка и снабдување на островскиот затвор затоа што сè, од храна до гориво, мора да се носи со бродови.
Доведувањето на таа установа до современи стандарди би барало огромни инвестиции во време кога Бирото за затвори затвора други објекти поради слични инфраструктурни проблеми.
Затворот, за кој важело дека од него на може да се избега поради силните океански струи и студените води на Пацификот е познат и како „карпата“ и во него биле сместени некои од најозлогласените криминалци, како Ал Капоне.
Во текот на 29 години колку што бил отворен, 36 луѓе се обиделе да избегаат во 14 одвоени обиди, според ФБИ. Речиси сите биле фатени или не го преживеале обидот.
Судбината на тројца затвореници – Џон Англин, неговиот брат Кларенс и Френк Морис, е непозната и драматизиран во филмот од 1979 година „Бегство од Алкатраз“, со Клинт Иствуд во главната улога.
Островот Алкатраз сега е голема туристичка атракција и со него управува Службата за национални паркови и прогласен е за национална историска знаменитост.
Алкатраз, порача Трамп, долго време бил „симбол на законот и редот“.