Македонците возат најевтин бензин во регионот – за литар плаќаат 1,17 евра
Анализата на веб-страницата Глобалпетрол прајсис покажува дека забележаниот минимум за литар бензин од 95 октани бил на 4 април 2020 година – само 48 денари, додека рекордот бил срушен во 13 јуни 2022 година, кога литар бензин се точел за дури 111,50 денари (речиси 2 евра)
Македонците возат најевтин бензин во регионот, а некои возачи не ги забележуваат корекциите, оти обично полнат за „илјадарка“ или помалку. Според податоците објавени на веб-страницата Глобалпетрол прајсис за април 2025 година, актуелната цена на бензинот во земјава е 71,50 денари за литар или 1,17 евра и е ажурирана на 21 април.
Истата анализа открива дека забележаниот минимум за литар бензин од 95 октани бил на 4 април 2020 година – само 48 денари, додека рекордот бил урнат во 13 јуни 2022 година, кога литар бензин се точел за дури 111,50 денари (речиси 2 евра)!
Анализата на Глобалпетрол прајсис покажува како се движела траекторијата на цената на бензинот од 95 октани во периодот од 5 ноември 2015 до 21 април 2025 година, а податоците се добиени од службени владини извори, регулаторни агенции, нафтени компании и големи медиумски извори. Експертите од ГПП посочуваат и дека тековна цена на горивото во однос на претходниот месец е пониска за 4,7 отсто, а во однос на периодот од пред три месеци има намалување од 10,6 отсто. Ако се спореди сегашната со цената на бензинот од пред една година излегува дека тој е поевтин за 18,3 отсто.
Во моментот Хрватска со цена од 1,53 евра е на средината на европската, но е прва на регионалната скала, слично на соседните Словенија (1,47 евра) и Унгарија (1,55 евра). Во регионот горивото е најскапо во Албанија, каде литар чини 1,73 евра. Приближно со нашата, цена, плаќаат босанските возачи – 1,22 евра, додека во Србија бензинот чини исто колку и во Хрватска (1,53 евра).
– Има значителни разлики во цените на горивата во Европа. Цената на литар бензин од 95 октани е највисока во скандинавските и во западноевропските земји, а најниска во Источна Европа. Највисока цена има Данска каде што се плаќа 1,94 евра за литар. Потоа следуваат Холандија (1,93 евра), Швајцарија (1,87 евра) и Норвешка (1,70 евра). Најниска цена на нафтата има во Русија, каде што литар чини 0,64 евра. Следува Белорусија со 0,68 евра, а Турција со 1,02 евра – објаснуваат од ГПП.
Од Глобалпетрол прајсис укажуваат дека просечната цена на бензинот низ целиот свет е 1,12 евра за литар. Сепак, постои значителна разлика во овие цени меѓу земјите. Како општо правило, побогатите земји имаат повисоки цени, додека посиромашните земји и земјите што произведуваат и извезуваат нафта имаат значително пониски цени. Еден забележлив исклучок се САД, кои се економски напредна земја, но имаат ниски цени на бензинот.
Разликите во цените меѓу земјите се должат на различните даноци и субвенции за бензинот. Сите земји имаат пристап до истите цени на нафтата на меѓународните пазари, но потоа одлучуваат да наметнат различни даноци. Како резултат на тоа, малопродажната цена на бензинот е различна.
Инаку, според Државниот завод за статистика македонските возачи најмногу го преферираат горивото евросупер БС-98, а во 2023 година во просек едно домаќинство купило 67,8 литри, на второто место е евродизелот „ДЕВ“ со годишна потрошувачка од 59,2 литри, а по него следува евросупер БС-95 со 51,4 литри годишно. Во земјава има и возила што користат автоплин, а неговата годишна потрошувачка изнесувала 9,2 литри.
Синдикалната потрошувачка кошничка нотира дека трошоците за транспорт на едно четиричлено семејство во март и април изнесувале 4.615 денари (7,4 отсто), а во февруари годинава биле за 200 денари повисоки – 4.844 денари.
Според Блумберг Адрија, рекордно зголемување има на бројот на регистрирани возила во Македонија, чиј број заклучно со 2023 година достигнал 658.894, а од нив 552.934 биле патнички автомобили.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2022 година во земјава имало 483.482 регистрирани автомобили. Според официјалните податоци, од вкупниот број возила во земјава најмногу (околу 49.000) се произведени во 2007 година.
Евиденцијата покажува дека доминираат возила што се постари од 14 години и дека многу се поретки новите возила. Имено, на македонските улици лани имало само 660 возила произведени во 2023 година.
