Србија доби нова влада на чело со Ѓуро Мацути
Ѓуро Мацути е новиот премиер на Србија. Собранието во Белград ја избра новата влада, која ќе има 30 министри, од кои 10 се нови имиња.
Во своето излагање, Мацути изјави дека Србија е уморна од поделби и блокади, дека мора да се работи на хармонизирање на општеството, и дека хармонијата може да се изгради преку дијалог, толеранција, работа и градење систем на вредности.
Тој исто така нагласи дека негов приоритет ќе биде нормалното функционирање на училиштата и факултетите.
Од вкупно 250 пратеници, за новата влада гласале 199, а 46 биле против. Опозицијата критикува дека новиот премиер на владата, која ја сметаат за преодна, е марионета на претседателот Александар Вучиќ. Шефот на српската држава, пак, им честиташе на граѓаните за изборот на новата влада, а на новиот премиер и членовите на неговиот кабинет им посака „да ја ослободат земјата од терор и да ја вратат на патот на успехот“.