Волкановски во новата борба ќе носи специјални шорцеви со македонско знаме
Легендарниот ММА борец Александар Волкановски долго време доминираше во категоријата до 66 килограми во УФЦ, но во последно време не му оди баш најдобро во октагонот.
Поранешниот шампион претрпе три порази во последните четири дуели, а во последните два меча доживеа тешки нокаути – oд Ислам Махачев и Илија Топурија.
Волкановски сега има можност да се врати на победничкиот пат, но задачата не е лесна. Тој ќе се натпреварува во главната борба на настанот УФЦ 314, а противник ќе му биде Бразилецот Дијего Лопез, кој стана познат во Мексико.
Волкановски (26-4) ќе има специјална опрема за УФЦ настанот кој е закажан за викендов.
Се работи за шорцеви на кои има бои и симболи на три држави – татковината на Александар, Австралија, и земјите од каде што 36-годишникот од Волонгонг има корени. Неговата мајка е со грчко потекло, а таткото со македонско. Потекнува од селото Беранци.
УФЦ 314 започнува во недела наутро од 04.00 по средноевропско време и ќе се одржи во „Касеја центарот“, сала во Мајами каде што настапува и НБА тимот Хит.