Спорт

Фунштук: Македонија беше одлична во Лигата на нации, треба да бидеме најдобри ако сакаме да бидеме конкурентни 

Селекцијата на Лихтенштајн е првиот противник на најдобрата македонска фудбалска репрезентација во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Натпреварот во Вадуц ќе се игра на 22 март, а четири дена подоцна нашите најдобри фудбалери во Скопје ќе го пречекаат Велс.

Селекторот на Лихтенштајн, Конрад Фунштук го продолжи договорот да ја води селекцијата до 2028 година.

Лихтенштајн е аутсајдер во квалификациите, но германскиот стратег Фунштук сака да размислува позитивно и дека ќе настојува неговите играчи во текот на мечевите повеќе да ја контролираат топката и да бидат дел од играта.

– Без разлика на тимот со кој се соочуваме во квалификациите, ние сме аутсајдерот и противникот очекува лесно да триумфира. Но, нашиот пристап е дека не сакаме само да ја бркаме топката 90 минути. Ние исто така сакаме да ја контролираме топката и да учествуваме во играта. Сепак, свесни сме и дека треба да бидеме добро организирани во секое време и да одржуваме добра структура на терено – вели Фунштук.

Македонија во Лигата на нации лани го освои првото место во својата група пред Ерменија, Фарски Острови и Летонија.

– Македонија имаше одличен настап во Лигата на нации. Треба само да ги споредите пазарните вредности на двете репрезентации и тоа кажува сѐ. Составот на Македонија вреди речиси 40 милиони евра. Нашата селекција вреди нешто под еден милион. Така, секој разговор дека тие се мал противник може да се игнорира. Треба да бидеме најдобри во текот на целиот натпревар ако сакаме да бидеме конкурентни. Со нетрпение го очекуваме натпреварот и ќе се обидеме да ја претставиме нашата земја најдобро што можеме – се зборовите на Фунштук во интервјуто за ФИФА.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons